На 21 градежна парцела во индустриската зона Попова Kула кај Демир Kапија, кои беа продадени по пат на електронско јавно наддавање, никнаа фотонапонски централи, кои започнаа со производство и дистрибуција на електрична енергија од сончевата енергија.
– Големата заинтересираност за изградба на овие централи токму на овој простор се должи на поволните климатски услови, односно на големиот број сончеви денови и на траењето на сончевото зрачење – велат од локалната самоуправа на Демир Kапија. Оттаму додаваат дека во градежните парцели инвестирале компании од цела Македонија, а на секоја од нив се произведуваат до 50 киловати електрична енергија на час или вкупно околу 1.050 киловати на час. Струјата се продава во електроенергетската мрежа на државата.
Робин Бојчевски од Скопје е управител на фирмата која врши инсталација на овие централи и нагласува дека се работи, всушност, за цела индустриска зона, во која има најголема концентрација на вакви централи на едно место не само во Македонија туку и пошироко на Балканот.
– Во зависност од тоа дали се инвестираат сопствени пари или финансиски средства добиени преку кредити, инвестицијата се враќа за 5 до 7 години, но може и побрзо ако опремата е подобра. Сопствениците на централите имаат договор за продажба на струјата на 15 години со повластена тарифа, а по завршувањето на тој рок, тие ќе можат, доколку се продолжи со субвенционирање за изградба на вакви капацитети, повторно да аплицираат за повластена тарифа или ако не, струјата да ја продаваат на слободниот пазар – објаснува Бојчевски.
Тој додава дека со оглед на тоа што едно домаќинство во просек на час троши околу два киловата, а десетина дневно, со струјата произведена во Демир Kапија може да се задоволат потребите на голем број македонски семејства.
– Западните земји, на пример, имаат послаб сончев потенцијал од нас, а тој е десетина пати поискористен од нивна страна. Штета е кај нас тој потенцијал да биде недоволно искористен – категоричен е Бојчевски.
Градоначалникот на Демир Kапија, Трајче Димитриев, е дециден дека е добро што на југот на државата се искористува енергијата на сонцето и што од таа работа бенефит ќе имаме сите.
Светлана Дарудова
ИНТЕРЕС И ЗА НОВИ ЦЕНТРАЛИ
Во општина Демир Kапија во тек е објава на оглас за отуѓување градежно неизградено земјиште, сопственост на Република Македонија. За дел од нив се дознава дека постои интерес исто така да бидат искористени за изградба на фотоволтаични централи. Предмет на јавно наддавање ќе бидат 42 градежни парцели, од кои 25 на локацијата Попова Kула, Демир Kапија, која е зона за индустрија и стопанство. 16 градежни парцели се од урбанистичкиот план за село Дрен (локалитет Дошница), наменети за домување во станбени куќи, а има и една градежна парцела за изградба на откупен дистрибутивен центар на регионален пат.
Извор: Дневник
2 Comments
Митко
Почитувани,
Ве молам за информација за неколку прашања:
– која е повластената цена по која се продава Ел. енергија према ЕВН, дали е иста за сите или има различни цени ?
– колкава е вкупната инвестиција за соларна централа од 50 KWh?
– колку колектори и колкава земјишна површина е потребна?
– која е фирмата што инсталира вакви централи?
Ви благодарам.
Предраг Стојковски
Здраво Митко,
За првото прашање одговорот можете да го најдете на следниот линк: https://www.erc.org.mk/
За второто прашање не можеме да ви дадеме целосно точен одговор, бидејќи не знаеме дали имате сопствено земјиште/покрив или не, дали истото ќе го купувате или рентирате или пак не. Цената на самата опрема пак зависи од тоа од каков производител ќе ги купите панелите и опремата….
Број на панелите е околу 200 панели, пак од зависност од самата моќност на панелите.
Постои повеќе компании на нашиот пазар, ние би ги издвоиле КВАЗАР и СОЛАР ЕНЕРЏИ