Собирањето и директното отстранување на јаглерод диоксидот од атмосферата би можело да биде исплатливо и од економска гледна точка, ако им веруваме на истражувачите од Georgia Institute of Technology (GIT).
Повеќето технологии за собирање на јаглерод диоксид се фокусираат на негово „ловење“ директно на изворот, односно кај индустриските капацитети, преку филтери кои се поставуваат на оџаците. Она што го предлагаат од GIT значи собирање на јаглерод диоксидот директно од атмосферата.
Кристофер Џонс, професор по хемиско и биомолекуларно инженерство, соработува со новата компанија Global Thermostat, со цел да направат пилот централа со која би го демонстрирале овој процес.
Техниката опфаќа пропуштање на воздух низ керамичка структура во облика на саќе, премачкана со сув материјал направен од амино-модифициран силициум, што треба да го задржи CO2 од воздухот кој струи низ структурата.
-Техничките предизвици со кои се соочуваме се слични како кај филтрите на оџаците: треба да направиме демонстрација во мали размери, демонстрација во големи размери, демонстрација на долгорочна стабилност на апсорпција, како и да докажеме дека сето ова ќе биде исплатливо – вели проф. Џонс.
Еден од главните проблеми на проектот се финансиите, бидејќи во последните десетина години повеќето од парите вложени во технологии за собирање на CO2 се одвојуваат за системи кои се поставуваат директно на изворот, односно издувните системи на индустриските капацитети. Но тие издувни гасови претставуваат помалку од половина од светкските емисии на јаглерод диоксид.
Дејвид Шол, исто така професор на GIT, подготвил студија за економска исплатливост на техниките за собирањето на јаглерод диоксид од атмосферата. Според пресметките, истражувачите велат дека уред за отстранување на CO2 со големина колку еден транпортен контејнер би можел годишно да отстранува околу 1000 тони јаглерод диоксид од воздухот, при оперативни трошоци од околу 100 долари за тон.
Во соработка со Global Thermostat, двата научници се уверени дека еден оптимизиран процес би чинел уште помалку од проценетите трошоци во студијата.